Сулемани Абдул е висок речиси 3 метри и го викаат џинот од Гана

Сулемани Абдул Самеду (29) од Гана има 2,89 метри и е највисокиот човек на светот. Пред неколку години му бил дијагностициран џиновски раст, па отишол во локалната клиника да дознае колку е навистина висок и кои се компликациите што го чекаат во животот на џин.

Сулемани во селото на сите им е познат по прекарот Авуча, што во превод значи „Ајде да одиме“. Носи влечки на нозете кои се специјално направени за него од автомобилски гуми, а му ги шие локален занаетчија, бидејќи не може да си најде соодветни чевли. За „Би-би-си“ вели дека бил воодушевен од реакциите кои ги предизвикал уште пред неколку години, кога почнал да расте повеќе од нормалното. Персоналот на клиниката тогаш не бил подготвен за да му ја измери висината, немале соодветни мерни алатки, па  медицинските сестри не знаеле како да откријат колку е навистина висок. Некој им предложил да најдат столб и да го користат како продолжение над мерното стапче за да ја измерат неговата висина. Во тој момент имал 2,235 метри, неколку сантиметри помалку од Султан Косен од Турција, кој долго време важеше за највисок човек на светот.

Авуча вели дека случајно дознал дека расте многу и брзо.

„Едно утро се разбудив збунет. Сфатив дека јазикот ми се прошири во устата до таа мера што не можев да дишам правилно. Купив лек од аптека, но неколку дена подоцна сфатив дека има и други делови од телото кои почнаа да ми се зголемуваат. Кога семејството и пријателите со кои се немав видено некој месец ќе дојдеа да ме посетат, забележуваа дека сум многу пораснат и сфативме дека се претворам во џин“, рекол тој.

Кога почнал да расте над сите, Авуча побарал стручна помош, бидејќи растот му донел други компликации. Тој има абдоминално закривен рбет, еден од специфичните симптоми на неговата состојба – Марфанов синдром, генетско нарушување кое влијае на сврзното ткиво на телото. Ова резултира со ненормално долги екстремитети. Посериозните компликации вклучуваат срцеви мани, а лекарите велат дека му е потребна хируршка процедура на мозокот за да се запре растот. Тој има и сериозни проблеми со кожата на едната нога.

Негов приоритет сега е да собере пари за лекување и здравствено осигурување, бидејќи тоа што го има во Гана не може тоа да го покрие. Поради здравствени проблеми од градот се вратил во родното село.

„Планирав да одам во автошкола и да научам да возам, да земам дозвола, но и кога го поместувам седиштето наназад, не можам да го држам воланот. Не можам да ја истегнам ногата бидејќи коленото ми удира во воланот“, додал тој.

Сепак, Авуча вели дека не дозволува сето ова да му го скрши духот. Тој е многу популарен меѓу луѓето во селото, а често му приоѓаат сакајќи да се сликаат со него. Вели и дека еден ден би сакал да се ожени и да има деца, но прво сака да се фокусира на тоа да си го подобри своето здравје.

Scroll to Top