Фестивалот Таксират е избран за еден од најдобрите 10 фестивали во Европа, како финалист во категоријата „Најдобар фестивал во затворен простор“ на Европските фестивалски награди. Македонскиот фестивал освои повеќе од 40000 гласови од публиката и стручното жири од музички експерти. На листата за гласање имаше 350 фестивали од 35 земји во Европа.
„Станува збор за најпрестижното признание за музичката индустрија на Европа, а Таксират, единствен од Македонија, има чест повторно и повторно да е препознаен за својот квалитет со бројни номинации низ годините и сега како финалист во својата категорија. Победниците од секоја категорија ќе бидат откриени следната година на свеченото доделување на наградите, на 18 јануари во Гронинген, Холандија“, велат организаторите на фестивалот.
Таксират првпат го доби ова признание во 2016 година.