Турски фотограф ја раскажа тажната приказна за фотографијата на таткото што ја држи мртвата ќерка за рака

Месут Ханчер е човекот што седеше на ладното време во урнатините во Турција, кои некогаш биле негов дом, и ја држеше раката на својата почината ќерка Ирмак.

Оваа фотографија е симбол на катастрофалниот земјотрес во Турција и направена е од турскиот фотограф Адем Алтан, кој од Анкара дошол на местото каде што разорниот земјотрес зеде голем број човечки животи и предизвика катастрофална материјална штета.

Алтан за турските медиуми раскажува дека не можел да го тргне погледот од неподвижниот татко, кој тагувал покрај својата ќерка.

„Седеше сам на мразот на купот скршени тули што некогаш беа негов дом, несвесен за светот и обземен од тагата“, раскажал Алтан.

Тој го насочил фотоапаратот кон Ханчер во далечина од 60 метри, тоа било емотивен момент. Но, наместо да го избрка фотографот, таткото го поканил покрај себе.

„Фотографирај го моето дете“, му рекол Месут Ханчер.

Фотографијата на АФП се појави на насловните страници на големите весници во светот, вклучувајќи ги „Фајненшл тајмс“ и „Волстрит џурнал“.

„Додека фотографирав, постојано си велев колкава огромна болка е тоа. Не можев да се соземам да не плачам. Останав без зборови. Го прашал Ханчер како се вика и како се вика ќерка му. Тешко зборуваше, па не можев премногу да разговарам со него“, рекол Алтан.

Фотографијата на Алтан е споделена стотици илјади пати на интернет. Алтан добил илјадници пораки од луѓе во светот, кои нуделе поддршка.

„Многумина ми кажаа дека никогаш нема да ја заборават оваа фотогарфија“, рекол тој.

Фото: АФП

 

 

 

Scroll to Top