Уметник за сите времиња, Брајан Фери фантастичен во Скопје

Англискиот музичар Брајан Фери вечерва одржа фантастичен концерт во Македонската филхармонија во Скопје. Фери уште од самиот почеток ја крена на нозе публиката во преполната сала. Тие заедно со него ги пееја неговите најголеми хитови Avalon, Jealous Guy, Slave to Love, танцуваа во ритамот на музиката и со овации ја дочекуваа секоја следна песна. Музичарот, освен популарните хитови, отпеа и неколку песни од последниот албум Avonmore.

Основачот на групата „Рокси мјузик“ на сцената во Скопје го придружуваа 12 музичари. Одличното озвучување и светлечкото шоу што се менуваше на секоја песна само го дополнија целиот впечаток за концертот. „Маестро те сакам“, „Крал, крал“, „Неверојатно шоу, маестрално“, се дел од коментарите на видеата што се споделуваат на социјалните мрежи.

Ова не е прво гостување на популарниот музичар во Македонија. „Кралот на кул однесувањето“, како што го нарекуваат британските медиуми Фери, пред неколку години имаше концерти во Скопје и во Охрид.

Скопскиот концерт, за кој беа пуштени во продажба 700 билети, беше распродаден. Организатор на концертот на Брајан Фери во Скопје е „Авалон продукција“

Scroll to Top