Наум Петрески и ДНК ја препеаа „Послушајте патриоти“

Наум Петрески и Панчо и Андреј од дуото ДНК ја отпеаа последната дванаесетта песна „Послушајте патриоти“ од прокетот „Македонијо во срце те носиме“.

 Со „Послушајте патриоти“ се затвора кругот – 12 песни, 12 изведувачи, но стартува новото поглавје – концертниот караван во чии рамки ќе се одржат концерти во осум македонски града.

„Послушајте патриоти“ е песна испеана за македонскиот деец Александар КараѓулеОхридски, инаку и самиот автор на стиховите – сведоштво за неговите измачувања во софискиот затвор во 1892 година. Прв пат е снимена од бардот на македонската народна музика Никола Бадев, и тоа за дискографската куќа Југотон во Белград. Во своите музички биографии ја имаат запишано и Јонче Христовски, Гоце Арнаудов. Оваа композиција во македонското музичко богатство зачувана како револуционерна, овој пат спакувана од маестро Николче Мицевски, сега ја снимија и ДНК и Наум.

„’Послушајте патриоти’ за нас е една несекојдневна соработка со нашиот добар пријател Наум Петрески, кој според нас е најдобриот машки вокал. За аранжманот беше задолжен маестралниот Николче Мицевски, а поканата дојде од проектот „Македонијо во срце те носиме“ на што не можевме да останеме рамнодушни, особено кога станува збор за Македонија и нешто што треба да остане како наследство за идните генерации. Со оглед на летната турнеја и многубројните ангажмани не успеавме да ја визуализираме песната, но не значи дека тоа нема да се случи во блиска иднина“, велат Панчо и Андреј.

„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на Скендеровски продукција, а во чии рамки во изминатиов период слушнавте 12 македонски родољубиви песни отпеани од исто толку изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика, а сите спакувани во ново руво од Николче Мицевски. Она што ќе следува во склоп на целиот проект е концертниот караван кој стартува на 6 септември од плоштадот „Слобода“ во Штип. Освен штипјани во сите дванаесет нумери ќе има можност да ужива и публиката во Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје.

Бидете дел од караванот „Македонијо во срце те носиме“, дојдете заедно да ги отпееме најубавите македонски патриотски песни, да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.

Распоред на концертите:

Штип – 6 септември

Битола – 13 септември

Велес – 20 септември

Прилеп – 27 септември

Кочани – 1 октомври

Тетово – 4 октомври

Кавадарци – 8 октомври

Скопје – 11 октомври

Scroll to Top