Со македонскиот долгометражен филм „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски, вчеравечер во паркот зад МКЦ беше затворено 22. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“.
Филмот премиерно беше прикажан пред македонската публика, а коментарите на публиката беа дека филмот има одлична тематиката и дека е квалитетно изработен, но и дека актерската екипа одлично си ја завршила работата.
Сценариото за филмот е дипломска работа на режисерот Цветановски, напишано поодамна.
„Сценариото беше мојата дипломска работа. Ја пишував во Париз во 2002 до 2004 година и кога се вратив во Македонија во една кутија си го најдов сценариото отпечатено, го препрочитав, ми се виде интересно и си реков овде има материјал. Го адаптирав за македонска средина, бидејќи оригиналната приказна се случуваше во Париз. Потоа аплицирав на конкурсот од Агенцијата за филм и бев премногу среќен кога добив одговор дека е прифатено сценариото“, изјави Гоце за Репортер.
Изборот на актерската екипа составена од Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска бил на кастинг, но пресудно било моменталното чувство.
Иако не очекувале награда, филмот кој учествуваше на фестивалот „Ин д палас“ во Софија, Бугарија беше награден за најдобар филм од публиката.
„Многу се израдувавме бидејќи кога најавуваа кој добил награда кажаа „не знам дали е тука екипата“. Тогаш се погледнавме меѓу себе и си рековме не сме ние, и во тој момент го соопштија името на филмот. Си рековме чекај дали добро слушнавме, бидејќи го кажаа на бугарски јазик, но го повторија на англиски јазик и бевме сигурни дека нашиот филм беше награден. Секоја награда е голема радост, бидејќи ние филмовите ги правиме за публиката и таа го вреднува филмот. Нормално и жирито секогаш е важно на секој фестивал, но за секој автор е многу важно публиката да го погледне и по можност да го сака филмот“, рече режисерот Цветановски.
Филмот „Бизнисот на задоволството“ ќе биде прикажан и на филмски фестивали надвор нашата земја, но ќе има и проекции низ кината во Македонија.
Музиката на филмот е компонирана од Димитар Андоновски, кој изминатиот период е актуелен како композитор и на музика за театарски претстави.
„Ова беше едно ново големо искуство за мене бидејќи да се работи музика за филм е голем предизвик, посебно што сум дебитант композитор за филмска музика. Интересен беше процесот и мислам дека е добар старт за во иднина. Прекрасна беше соработката со режисерот Гоце Цветановски и со целиот тим што работеше на филмот. Поминавме еден убав процес во пријатна атмосфера и мислам дека на крајот добивме производ којшто сите сме задоволни како целина“, рече Андоновски.
За актерката Слаѓана Вујошевиќ која има улога на новинарка во филмот, предизвик и била тематиката на филмот.
„Јас го толкувам ликот на Елени, една новинарка којашто се обидува да разоткрие кои се виновниците за исчезнувањето на нејзината најдобра другарка и на тој начин навлегува во мрежа на трговија со жени. Самата тема е сама по себе предизвик да се истражува, доста актуелна и целиот филм има една голема социјална порака што ја испраќа“, вели Слаѓана.
Дамјан Цветановски го толкува ликот на Игор, кој е сосема спротивен лик од она што Дамјан е приватно.
„Бев доста исплашен, бидејќи се работи за еден лик кој е доста далечен од мене, во однос на темперамент и во однос на ставови, мислења, постапки. Но можеби токму заради тоа што беше толку далечен од мене тоа ми ја олесни работата кога влегов во ликот да се фокусирам на него и на неговите слаби и јаки страни“, вели Дамјан.
За актерката Егзона Салиху од Албанија ова е прва соработка со режисерот Цветановски.
„Предизвик ми беше самото сценарио бидејќи глумев девојка којашто доаѓа од Албанија и е дел од трговија со луѓе. И тоа беше една од причините зошто ја прифатив улогата, и ова ми беше прво искуство да работам со Гоце Цветановски како режисер“, вели Егзона.
Г. Додевска
Фото: Синедејс / Фејсбук