(Видео) Цукеро ја освои Самоиловата тврдина

Светската ѕвезда Цукеро вчеравечер одржа концерт во Охрид за кој ќе се раскажува долго. Неколку часа пред концертот популарниот музичар се прошета во градот, а се качи и на Самоиловата тврдина, па објави слика на својот инстаграм-профил. „Се гледаме наскоро“, напиша тој.

На бината во спортскиот центар „Билјанини извори“ излезе точно на време, а по само една испеана песна на публиката ѝ ја пренесе својата позитивна енергија. Иако публиката беше разочарана што не го гледа на Антички, под отворено небо, уживаше во секоја песна на таткото на италијанскиот блуз.

„Заради најавите за невреме, а од безбедносни причини, моравме да ја смениме локацијата за концертот“, рекоа организаторите „Авалон продукција“.

Еден од најдобрите музичари на денешницата повеќе од два часа ги пееше своите најголеми хитови Baila Morena, Il Volo, Diavolo in me, но и Miserere, дуетот со Лучано Павароти. Додека ја пееше оваа песна, на бимот зад 63-годишниот музичар одеше снимка од нивни заеднички настап, па публиката го слушаше гласот на Павароти дополнет со пеењето на Цукеро во живо.

Освен своите, Италијанецот испеа и неколку светски хитови. Публиката го испрати со овации, па го врати и на бис. Концертот го заврши со Senza una Donna, песната по која најмногу го препознава македонската публика.

(А.Ј)

Scroll to Top