Симеон Атанасов, штитеникот на Есма Реџепова – Теодосиевска, за кого се пишуваше дека наводно бил приведен под сомнение дека извршил кражба во домот на Есма, демантираше дека ова се случило.
„Ниту сум бил приведен, ниту, пак, сум крадел од домот на Есма“, вели Симеон за „Репортер“.
Тој ни раскажа дека сето ова го измислиле внуците на Есма (внуци од нејзините браќа и сестри) кои ја користат секоја можност за да му наштетат оти тој го има тестаментот во кој пишува дека е наследник на нејзините авторски права.
„Јас веќе година и пол сум во судски спор со фамилијата на Есма. Таа остави два тестамента, едниот во кој пишува дека сè што има ќе ѝ го подари на државата, каде е и куќата, и другиот во кој пишува дека мене ми ги остава авторските права. Значи јас сум наследник на авторските права и тоа ми е сосема доволно“, вели штитеникот на Реџепова. Тој ни откри дека внуците на Есма сè изнеле од куќата, а го обвинуваат него.
„Кога дојдов со полицијата таму имаше само плоча, сè друго беше изнесено. Нешто продале, нешто дома однеле, кој да знае. И клучот остана кај еден од внуците, јас немам клуч од куќата на Есма. И безобразно е некој да ме обвинува. Јас во куќата отидов и со адвокати и со вештаци, така што срамно е да ме обвинуваат“, вели Атанасов за „Репортер“.
Тој вели дека сè што сака е она што нему му припаѓа, а тоа се авторските права на песните. Револтирано вели: „Мене Есма и Стево Теодосиевски не ме воспитуваа да бидам таков човек. Јас го носам споменот за нив, па дури и моите деца ги крстив по нив“.
Симеон исто така рече дека многу го навредило тоа што го клеветеле дека е во љубовна врска со Елонора Мустафовска, вокалистката во „Есма’с бенд“, исто така штитеничка на Реџепова.
„Таа е моја сестра. Дојде на 17 години кај нас. Заедно учевме, заедно живеевме, се дружевме, растевме, таа е моја сестра, каква љубовница“, вели Атанасов.
Александра Георгиев