Земјотресна промоција во среда-„Цепај сине“ нова книга од Зоран Спасов Ѕоф

На 25 октомври, во 20 часот, во „Станица 26“, ќе се случи интергалактичка промоција на новата книга „Цепај сине“ од авторот на бестселери „Зоран Спасов-Ѕоф“. Во улога на водител ќе го видиме Александар Микиќ, а за убавата атмосфера ќе се погрижат специјалниот гостин Драган Мијалковски и групата „The Ringtones“.

„Цепај сине“ е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Се работи за толковен заебантски речник во манирот на претходната книга на Зоран Спасов-Ѕоф – „Џабе живиш у Скопје“.

Како што вели авторот во описот на книгата: „Стануе збор за еден цепенковистички зборник што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи. Ќе прочитате ствари што нит’ сте ги чуле нит’ сте ги виделе. За некои ќе треба да ги прашате вашите родители, доста од нив не постојат ни на ’Гугл‘, а најголемиот дел се непознати чак и за Институтот за македонски јазик. Но, едно е сигурно – или ќе ’цепате‘ или (нема да) живеете“.

Во оваа книга се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат нашите хумор и менталитет. Целта на авторот е да го реактуализира скопскиот јазик и кај читателите да разбуди некои одамна заборавени чувства.

Средствата од продажбата, како и досега, Зоран Спасов-Ѕоф ќе ги донира во хуманитарни цели.

На оваа ѝ претходат уште пет хит-книги: „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Некогаш, некаде“ и „Тибам штркот“.

Scroll to Top