Кристина, Теодора, Љубица, Никола и Јован се петмината студенти направија паметна корпа за правилна селекција на отпадот, кои со оваа иновација ќе учествуваат на натпревар во Њујорк.
Тие победија на младинскиот предизвик „Генерација без граници – Технологија за планетата“ и како млади иноватори ќе не претставуваат на глобалниот предизвик „Генерација без граници 2022“.
Со идејата на тимот „Грин Хот Чили Пеперс“ за правилна селекција на отпадот и иновацијата составена од паметна корпа со сензори и апликација, во иднина граѓаните ќе можат правилно да го селектираат отпадот кој полесно ќе може да се рециклира.
Нивната појдовна точка за идејата биле проблемите со неправилното справување со отпадот.
„Справувањето со отпад на сите ни влијае, особено кога се шетаме низ улица, од тоа како ни изгледа животната средина, потоа што се случува понатаму со отпадот и дали правилно се гори. Повеќето од нас се студенти на информатички науки и компјутерско инженерство, и сакавме да направиме некоја паметна корпа, која што ќе го селектира отпадот на граѓаните и доколку тој отпад е селектиран потоа ќе може полесно да се рециклира. Во склоп на тоа развивме и апликација која што дополнително би ги мотивирала граѓаните да селектираат отпад“, рече студентката на ФИНКИ и членка на тимот, Кристина Цоковска.
Идејата е граѓаните отпадот да го испразнат во паметната корпа, а таа со помош на одредени паметни сензори и механизми да го селектира отпадот на неколку категории, пластика, хартија, стакло.
„Тоа понатаму би им помогнало на оние компании и институции што се справуваат со отпадот доколку истиот е селектиран. Бидејќи на паметните сензори и механизми ќе им биде потребна енергија, ние замисливме енергијата да доаѓа од соларни панели кои би се наоѓале на кантата и би биле доволни за истата да се напојува“, раскажува Цоковска.
Како помош на паметната канта е апликацијата за правилна селекција која во одредена форма е веќе достапна, но сеуште работат на нејзино доразвивање.
„Следен чекор е да снимаме видео како национални победници, и потоа тие видеа ќе бидат испратени до интернационална комисија која што ќе ги разгледува идеите од сите земји и ќе одлучат кои тимови ќе продолжат ќе се натпреваруваат во Њујорк“, вели Кристина Цоковска од тимот „Грин Хот Чили Пеперс“.
На натпреварот во Њујорк, Македонија влегува во конкуренција со 40 други земји кои работат на истата тема, технологија за климатски.
Габриела Додевска