Александар Русјаков: „Девојчето и куклата што патува“ потсетува дека љубовта не исчезнува, таа секогаш се враќа во нова форма

Познатата анегдота поврзана со славниот писател Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла е инспирација за новата уникатна сликовница „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (18 февруари) во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

Сликовницата е објавена по повод 100 години од смртта на Франц Кафка. Станува збор за сликовница-омаж на најпознатата анегдота поврзана со Кафка. И покрај тоа што никогаш не е потврдена вистинитоста на случката и покрај тоа што постојат различни толкувања на околностите во кои се случила, со постојаното навраќање кон неа, таа стана неизбежен дел од биографијата на Кафка. Приказната во новата сликовница е дело на Александар Русјаков, за кого ова претставува свечено претставување во светот на литературата за деца на македонски јазик.

Русјаков, кој е попознат како автор за возрасни, изрази задоволство што имал можност да пишува за деца:
– Досега немам ништо напишано за деца, а тоа беше нешто што отсекогаш ми недостигаше. За мене најлесно е да пишувам книги, бидејќи сѐ друго во животот ми е тешко. Можам да пишувам што било за возрасни, но не бев сигурен дали ќе можам да напишам нешто за деца. Литературата за деца отсекогаш сум ја гледал како нешто најтешко, затоа што децата не можеш да ги излажеш. Тие примаат сѐ веднаш со срце и го доживуваат како вистина или лага. Не ми е важно што ќе кажат возрасните, туку што ќе мислат децата за книгата! Како писател, отсекогаш ми било предизвик да напишам дело за деца. Имав обиди кои завршуваа недовршени. Понудата од „Арс Ламина“ да ја напишам оваа сликовница ја прифатив без размислување и бев среќен што ја создадов, иако не е моја оригинална приказна. Се држам до наративот што се претпоставува дека го измислил Кафка. Во оваа анегдота, Кафка е малку едноставен за доживување, многу точен и прекрасен, но носи и мистична атмосфера, која ја има во неговите дела. Беше предизвик да го оттргнам Кафка од неговите мрачни светови и да го внесам во еден сосема поинаков свет, иако и таму постои темнина – луѓето меѓусебно не комуницираат – рече тој.

Во сликовницата Русјаков се држи до контурите на општоприфатената приказна, но со својот автентичен писателски израз, полн со лиричност и нежност, создава уникатно авторско дело, кое веруваме дека ќе стане ново омилено семејно четиво. „Девојчето и куклата што патува“ внимателно и метафорично зборува за минливоста на животот, за прифаќањето на загубата, за созревањето… а пред сѐ за љубовта.

– Поентата на сликовницата е дека љубовта не исчезнува, таа секогаш се враќа во нова форма. Со оваа мисла Кафка ја дава суштината на приказната, но и на животот. Сѐ што нѐ опкружува е создадено од љубов и љубовта не се менува, ниту во смрт. Ако љубовта исчезне, тогаш знајте дека тоа не е љубов – изјави Русјаков.

Уредничката на книгата, Бисера Бендевска, истакна дека анегдотата за Кафка и изгубената кукла е еден од литературните митови што, иако не се потврдени како историски факти, добиле свој сопствен живот и се вкорениле длабоко во колективната имагинација:
– Според некои сведочења, оваа анегдота ја актуализирала последната партнерка на Кафка, Дора Дијамант, и се случила во 1923 година, една година пред неговата смрт. Оваа анегдота го претставува Кафка како човек кој не сме го запознале преку неговите објавени дела, полн со нежност и сочувствителност. Самата анегдота за изгубената кукла сведочи за силата на раскажувањето, при што приказната, иако не ја враќа куклата, ја враќа надежта. Таа е пример за метафикција, раскажувајќи за самото раскажување и неговото значење во човечкото искуство.

На промоцијата во улога на девојчето од книгата беше младата Ива Мановска, која прочита делови од сликовницата.
Книгата е понудена и во специјално, ограничено пакување во форма на плик, со восочен печат. Во пликот, покрај сликовницата, има и шест разгледници од местата каде што патува куклата. Со ова се потсетуваме на една заборавена, но убава практика – да се праќаат писма и разгледници за време на патувањата.

Денес (19 февруари, среда), програмата на „Денови на литературата“ продолжува со работилница за деца инспирирана од сликовницата „Колку е часот?“ со авторот на текстот и илустрациите Тодор Трајковски. На работилницата, која ќе почне во 18 часот во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, децата, со помош на авторот, ќе научат да го читаат времето, односно – да ги читаат часовниците. Ќе има и вежби за поврзување и изедначување на механичките и дигиталните часовници, зашто, да се научи да се чита времето значи и спријателување со сите видови часовници одеднаш. Книгата почнува со преглед на најразличните часовници околу нас, џебниот, рачниот, механичкиот, дигиталниот, уличниот, ѕидниот, часовникот за на шкафче… потоа го внесува ликот на Чаки Часовникот, новото другарче на читателите, со чијашто придружба првин се осознава часовникот како направа, сосе неговите делови, потоа се осознава и концептот на времето, на должината, на траењето на секојдневните нешта и активности.

Серијалот книжевни промоции продолжува в четврток (20 февруари) во 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на новата есеистичка книга „Дом во тишина“ на Никола Маџиров. Промотори на книгата ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски. Првата есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик. Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Современи и Епистоларни. „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Во „Дом во тишина“ се најдоа сите есеи на Маџиров претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосем нови.

Сите фанови на трилерите ќе можат да уживаат во т.н. „Трилер вечер“, закажана за следниот ден (21 февруари), во 19 часот, во „Литература.мк“, „Скопје сити мол“. Трилер-жанрот е во подем во нашата литература, а последните неколку години се појавија свежи авторски дела кои го освојуваат вниманието на читателите. На настанот ќе учествуваат авторките на актуелни трилери Јана Мишо („Што се случи со Исидора?“), Сузана Камберова („Страшни приказни“), Андреа Мирческа („Девојката што ја наслика смртта“), Марија Ралповска („Сенки во подземјето“ и „Мастилна мапа“) и Мери Арсова („Опасна игра“), како и уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Во улога на модератор ќе биде Анде Д. Јанков.

В сабота (22 февруари) во 12 часот во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи работилница за деца инспирирана од Исидора Мун, со што Скопје ќе се приклучи во одбележувањето на интернационалниот „Исидора Мун ден“. Посетителите на работилницата ќе имаат можност да се дружат со Исидора Мун, да цртаат, бојат, и да изработуваат крилја. Исидора ќе поттикне насмевки и ќе ги развесели лицата на сите дечиња кои сакаат Facepaint (насликани лица). Исидора Мун е половина самовила, половина вампир и целосно уникатна! Препознатлива е по нејзините црни и розови фустанчиња со светки, волшебното стапче со ѕвездичка и магичните крилја, како и по нејзиното најверно пријателче – Розовото зајаче. Во серијалот од авторката Хариет Мункастер, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, досега се објавени 15 книги посветени на Исидора Мун и три наслови со Мирабела, палавата братучетка на Исидора.

Во 18 часот, на истата локација ќе се одржи настан за сите фанови на мегапопуларниот „Покемон“. На интерактивниот настан, кој „Литература.мк“ го организира во соработка со „Комикс“ и „Пагода“, ќе се одржи размена на карти, ќе има едукативен и натпреварувачки дел, како и многу изненадувања и подароци. Исто така, ќе има и работилница за изработка на оригами. „Литература.мк“, како најголем застапник на производи инспирирани од светот на Pokémon, ќе обезбеди многубројни изненадувања и награди за македонските фанови. Pokémon е популарна јапонска франшиза, која се состои од видеоигри, анимирани серии и филмови, размена и игри со карти и друго. Франшизата се одвива во заеднички универзум, во кој луѓето коегзистираат со суштества познати како Pokémon.

Програмата на „Денови на литературата“ ќе биде заокружена в недела (23 февруари) во 12 часот, со весела дружба со Биби и Боби, во книжарницата „Литература.мк“ во „Ист гејт“.
Во рамките на продажната акција на петтото издание на „Денови на литературата“, што се одржува до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“, понудени се попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови. Во продажната акција ќе има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“. Продажната акција „Денови на литературата“ се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk.

„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!

Сите настани во рамките на „Денови на литературата“ се бесплатни за сите посетители.

ПР

Scroll to Top