Американски спортски новинар Грант Вал (48) почина во Катар откако колабираше додека известуваше од натпреварот Аргентина-Холандија. Тој се срушил на земја додека траеле продолженијата, па се претпоставува дека имал срцев удар, иако причината за смртта ќе биде дополнително објавена, пренесе „Би-би-си“.
Организаторите на Светското првенство во Катар во саботата изјавија дека Вал се почувствувал лошо и во просториите од каде известуваат новинарите веднаш добил медицинска помош.
Вал го привлече вниманието на спортската јавност на почетокот на Мундијалот, кога беше приведен од катарските власти бидејќи проба да влезе на стадион со маичка во боите на виножитото во знак на поддршка на правата на ЛГБТ заедницата.
Неговата сопруга Селин, неколку часа по смртта на Вал, преку Твитер напиша дека е во шок од тоа што се случило и им се заблагодари на сите за поддршката.
Вал го прослави 48. роденден во Катар на 8 декември, два ден пред да почине. На својот вебсајт пред неколку дена напишал дека не се чувствува добро веќе десетина дена и дека пие антибиотици за бронхитис.
„Моето тело конечно се скрши. Настинката која трае десетина дена се претвори во нешто пострашно на денот кога играа САД-Холандија, па во градите можам да почувствувам притисок и неудобност“, стопи во пораката.