Аплауз и овации за „Кајмак“ на Манчевски во Италија: пофалби за актерите од италијанскиот кинематограф Феличе Лаудадио

Аплауз и овации и за италијанската премеира на „Кајмак“ на Манчевски, на Меѓународниот филмски фестивал во Бари. Филмот бил премиерно прикажан во историското кино Петруцели старо 120 години и кое воедно е прогласено за споменик на културата во Италија.

Фестивалот е еден од најголемите во Италија и е поврзан со две легендарни имиња на италијанската кинематографија – директорот Феличе Лаудадио, кој во богатата кариера бил на чело и на Венецискиот фестивал и на низа значајни филмски инситутции, како и филмскиот критичар Енрико Марџели кој го претставил „Кајмак“ пред премиерната проекција и го водеше разговорот со авторот Манчевски.

Италијанскиот печат го најави „Кајмак“ како „храбрар филм“, а фестивалот вели дека е „Смело и современо дело… Приказна за чувства и привлечност која не се плаши да се занимава со непријатни теми како што се трговија со луѓе и сурогат мајчинство“.

На прес-конференцијата со Манчевски, филмскиот критичар Марџели дал голем фокус на работата со глумци, со пофалби за воедначеноста на глумата и за одлично одиграните ролји. Тој забележал дека иако филмот е комедија и се занимава со навидум секојдневни ситуации, барањата од актерите биле длабоки, со влегување во суштината на ликовите, а за кастингот рекол дека, иако се работи за секојдневни ситуации во филмот, Манчевски им задавал сцени од класиците. Развивајќи интересна дискусија на тема еротика во сериозни филмови, Марџели рекол дека му е жал што ја има помалку на филм денес, на што Манчевски коментираше дека делумно тоа е причина на неопуританизмот, како што тој го нарекува, „а бизарно е што неопуританизмот произлегува од диктатурата на размислување од левицата, која би требало да биде слободарска и либерална авангарда“.

Во Бари Манчевски дојде од Софија, Бугарија, каде беше на чело на жирито на фестивалот, а истовремено се одржа и ретроспектива на неговото творештво, во која беше вклучена и бугарската премиера на „Кајмак“. Присуството на Манчевски во Бугарија беше проследено со голем публицитет и бројни интервјуа за бугарските медиуми.

Од 7 април „Кајмак“ ќе се прикажува и во редовната програма во кината низ Бугарија.

Пишувајќи за опусот на Манчевски, еден од најистакнатите бугарски новинари од културата Цветан Цветанов во списанието „Култура“ вели: „Милчо Манчевски е визионерски волшебник… Мајстор на геометријата на голото човечко тело, без тоа да е основа на неговите филмови, Манчевски создава некои од најубавите еротски сцени во современата европска кинематографија – било да се во молски клуч на духови во ‘Сенки’ или на скоро-комично рамниште во ‘Кајмак’… Не е ни важно, затоа што зборуваме за апсолутни вредности… ‘Кајмак’ е скоро анаграм на ‘Мајки’…“.

На почетокот на месецов, „Кајмак“ ја освои Специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија. Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на ФЕСТ во Белград, каде сите три проекции беа однапред распорадени, а актерката екипа од филмот, која присустувуваше на премиерата доживеа огромен аплауз.

Scroll to Top