Бензема го напушта Реал Мадрид по 14 години и 25 освоени трофеи

Францускиот напаѓач Карим Бензема го одигра последниот натпревар во дресот на Реал Мадрид. Играчот ќе го напушти најтрофејниот европски клуб по 14 години.

Триесет и петгодишниот Бензема со Реал освои пет титули во Лигата на шампионите и четири во шпанското првенство. Претходно играше во Лион до 2009 година. Од Реал ќе си замине како слободен играч, иако има уште една година од договорот.

„Бензема беше пример за однесување и професионализам и го заслужи правото самиот да одлучи за својата иднина“, соопшти Реал Мадрид, кого го напуштаат и Еден Азар и Марко Асенсио.

Бензема освои вкупно 25 трофеи со „кралскиот клуб“, за кој одигра 647 натпревари и постигна 353 голови, со што е на второто место на вечната листа, зад Кристијано Роналдо. Настапите за Реал му ја донесоа и Златната топка за најдобар европски фудбалер лани.

Иако засега не е потврдено, се верува дека Бензема добил богата понуда за продолжување на кариерата во Саудиска Арабија.

Scroll to Top