Проектот, насловен „Златната Пеперутка“, во режија на Гоце Цветановски, е селектиран за учество на реномираниот Анимациски форум за Централна и Источна Европа (CEE Animation Forum 2025), кој ќе се одржи во Плзењ, Чешка, од 4 до 6 ноември 2025 година.
CEE Animation Forum 2025 Unveils Lineup of 29 Projects Across Europe
CEE Animation Forum е водечка европска платформа за презентација, финансирање и копродукција на анимирани проекти. На 13-тото издание, од рекордни 199 пријави, „Златната Пеперутка“ е еден од шесте долгометражни анимирани филмови, кои ќе се натпреваруваат за над 50.000 евра во парични и непарични награди, како и за учество на специјализирани тренинг програми, пазарни презентации и еден-на-еден средби со водечки европски продуценти, дистрибутери и телевизии.
Оваа селекција е уште едно признание за успехот на „Светот на Биби“, најпопуларниот детски бренд во Македонија со повеќе од 120 милиони прегледи на „Јутуб“ и ТВ прикажувања во шест држави во регионот.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство, сместена во волшебна џунгла каде што нашите јунаци се соочуваат со предизвици, опасности – и важни животни избори.
„Голема чест ни е што сме дел од оваа силна селекција,“ вели режисерот Гоце Цветановски. „Златнaтa Пеперутка е повеќе од филм – тоа е приказна за одговорноста кон природата, но и за надежта дека преку уметноста можеме да ги поврземе различните култури. Веќе работиме со неколку меѓународни партнери, чии имиња наскоро ќе ги објавиме“.
Проектот ќе учествува во натпреварувачката програма на форумот, и е ко-продукција на Светот на Биби и продукциската компанија на Цветановски, Македонска Крепост.
Цветановски во моментов е актуелен со Јон Вардар против Галаксијата, првиот македонски долгометражен анимиран филм кој беше прикажан на дваесетина фестивали и сè уште патува низ светот, а со филмското деби „Бизнисот на задоволството“ освои 10 меѓународни награди.