Челзи го избрка тренерот Томас Тухел откако изгуби од Динамо Загреб

Челзи го отпушти тренерот Томас Тухел откако англискиот клуб беше поразен од Динамо Загреб на стартот на новата сезона во Лигата на шампионите. Германскиот стручњак го напушта „Стемфорд бриџ“ по 20 месеци, период за кој успеа да му ја донесе втората европска титула на клубот.

„Изминуваат 100 дена откако новата сопственичка група го презеде Челзи и веруваме дека е вистинско време за транзиција, што подразбира и нов тренер“, соопшти клубот.

До именувањето на новиот тренер, екипата ќе ја водат помошниците на Тухел.

Бившиот тренер на Борусија Дортмунд и ПСЖ дојде во Челзи во јануари 2021 на местото на Френк Лампард и по само четири месеци следеше триумфот во Лигата на шампионите. Под негово водство Челзи ги освои и Европскиот суперкуп и Светското клупско првенство. Мечот со Динамо му беше 100. на клупата на Челзи.

Scroll to Top