Четири македонски филмови ќе се прикажуваат на Филмскиот фестивал во Кан

Четири македонски филмови ќе се прикажат на 75. Филмски фестивал во Кан, што годинава ќе се одржува од 17 до 25 мај. На фестивалот ќе се прикажат долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски, „Кома“ во режија на Агим Абдула и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски.

Македонската продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20. продуценти што покажуваат голем напредок, а е дел од програмата за Европска промоција на филмови. Режисерката Дина Дума на 18 мај ќе го промовира новиот проект во развој Skateboarding is not for girls.

На Фестивалот ќе биде поставен и македонски штанд, каде што Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во домашната кинематографија и ќе има средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.

Канскиот филмски фестивал ќе биде отворен со светската премиера на филмот „Топ ган: Маверик“ и ќе му оддаде почит на актерот Том Круз.

Scroll to Top