Легендата на народната музика Халид Бешлиќ вчеравечер ја потсети македонскатапублика на неговите најголеми хитови, отпеани во неговата долгогодишна кариера. Првпат пред македонската публика одржа концерт. И тоа пред преполната сала „Борис Трајковски“.
Кренати раце од трибините, се пееше на цел глас од „Миљацка“, па „Неќу, неќу дијаманте“, „Ја без тебе не могу да живим“ и уште многу други. По само неколку отпеани песни на почетокот на концертот, Халид побара нова кошула.
„Чекајте да си ја сменам кошулата, жива вода сум“, рече тој од сцената.
Повозрасните генерации се потсетија на песните од Бешлиќ кои ги пееше на почетоците од неговата кариера, а помладата публика од почеток до крај се веселеше и пееше на поновите хитови без кои не поминува ниту една вечер во кафана.
Ова беше прво гостување на Халид Бешлиќ во Скопје и прво за македонската публика.
Во интервју за Репортер раскажа дека уште како дете ја засакал народната музика кога како мал цели денови слушал народно на радио. Почнал да пее во обични биртии, потоа пеел во малку поотмени кафеани и на крајот, како вели, запеал во најотмените. Концертот го организираше Прагма продукција.