Девојка со Даунов синдром изработува украсни перници и ги продава онлајн

Тена Мурк е 22-годишна девојка од Шенковец, родена со Даунов синдром. На Тена тоа никогаш не и било пречка да биде инспирација за сите околу неа во текот на нејзиниот живот, особено за нејзиното семејство, пријателите и наставниците. Па така таа денес изработува украсни пеници и ги продава онлајн.

Тена е првото дете со Даунов синдром во Меѓумурската жупанија кое почнало во јасли па во градинка, а подоцна и седмо дете во цела Хрватска кое било вклучено во редовно образование.

Нејзината мајка Марија, наставничка по математика, а воедно и одлична креативна личност, се присетила какви биле почетоците со Тена.

„Тена ја родив на 33 години, а дијагнозата ја дознав дури при породувањето. Не ми требаа дополнителни тестови за да го потврдам тоа бидејќи во моето соседство тогаш живееше девојка со Даунов синдром, па веднаш препознав некои карактеристики. Ми беше тешко во еден момент, но ниту тогаш, ниту потоа, не ја видов како дете со Даунов синдром. Ја гледав како мое дете со кое сакам да имам работа и со кое сакам да се дружам. Ќерката Сара, девет години постара од Тена, рече, додека сè уште чекавме да ги потврдат генетските резултати: „Мамо, дали е важно дали Тена има Даун или не? Во секој случај ќе ја сакаме“. Таа реченица ме водеше низ сите предизвици во животот“, раскажала Марија,мајката на Тена.

И така било. Бидејќи сопругот на Марија работел во странство и можел да биде дома само за време на викендите, Марија, Тена и Сара отсекогаш биле мало трио во текот на работната недела. Тена од тригодишна возраст одела на дефектолог во Словенска Бистрица, а тоа и помогнало да ги научи буквите и бројките пред да започне прво одделение.

Со голема поддршка од семејството, кое најпрво ги финансирало сите потреби на Тена, па дури и асистент, Тена успешно го завршила основното училиште. Од програмите што им биле понудени на децата со пречки во развојот, за средно образование семејството на Тена го избрале курсот за асистент кројач во Економското училиште во Чаковец, а како што вели нејзината мајка, веќе и се забележало дека таа сака шиење, дека е многу добра во тоа и дека навистина ужива.

Тогаш не можела да замисли дека години подоцна нејзините дела ќе привлечат толкаво внимание. Имено, Тена најпрвин почнала да шие божиќни и велигденски украси за здружението за Даунов синдром од округот Меѓумурје, а неодамна изразила желба повторно да направи нешто.

„Размислив малку што би можело да биде и така дојдовме до идеја за памучни влошки во форма на облаци и разни животни. Сето тоа го правиме како тројка – јас сечам, Тена шие, а Сара помага во полнењето. Тена е многу педантна и само треба да направи линија за да ја зашие. Таа може да шие се што ќе ѝ дојде при рака. Таа е исклучително прецизна“, изјавила Марија.

Перниците се од памук, а филот е од полиестерски антиастматичен и антиалергиски материјал. Може да се перат во машина за перење на 60 степени. Тие веќе можат да се купат преку социјалните мрежи.

Scroll to Top