Дипломатите во Тирана воодушевени од крушевскиот локум и сликите на Зоран Кардула

Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана во петокот беше одржана изложба на современиот уметник Зоран Кардула, графички дизајнер и сликар, на која присутните имаа можност да пробаат крушевски локум и на тој начин да се доближат до македонската традиција.

Тој се претстави со 13 свои дела .

„Бидна изложбата, убав простор, убави луѓе, убав град многу позитивна енергија, муабети кои немаа крај. Благодарност од сите кои овозможија да се реализира изложбата, како и до сите ценети гости кои дојдоа и не го криеја задоволството дека се дел од оваа изложба. Нема ништо поубаво од среќни луѓе. Уживајте во дел од атмосферата“, напиша Кардула. 

Убави зборови за изложбата на Кардула во Тирана сподели и неговиот пријател, а воедно и директор на Македонскиот културен центар во Тирана, Златко Ориѓански, кој рече дека дипломатите присутни таа вечер биле воодушевени од крушевскиот локум.

„Сакам да ги купам сите негови слики, извика една прекрасна жена, германски дипломат. Фантастична вечер на Зоран Кардула во Тирана. Прекрасни луѓе од Тирана, дипломати од Јапонија, Германија, Британија, Франција, нашиот центар се повеќе создава своја публика. Воодушевени се од сите слики на Кардула, многу ги бендиса крушевскиот локум“, рече Ориѓански, кој повеќе од една година живее во Тирана, Албанија.

На промоцијата можеше да се забележи присуство и на македонските диџеи Фоце Саф и ДЈ Чваре.

Визуелниот и концептуален вокабулар на Кардула започнува од класичната сликарска техника до модерни дизајнерски форми преку дизајн на накит. Кардула е победник на конкурсот за постери на Латино филмскиот фестивал во 2015 година, на кој учествуваа повеќе од 70 графички дизајнери, уметници и актери и беше дел од изложбата на постери на тема „Советска неоконструктивистичка пропаганда“ во Минеаполис, САД.

Г. Додевска 

Изложбата на Зоран Кардула е прва од низата културни настани кои ќе се случат во Македонскиот културен центар во Тирана со поддршка на Министертсвото за култура. Свој концерт ќе одржи и Влатко Стефановски, најавено е и гостување на гитаристот Мухамед Ибраими, а планиран е и промоција на Јордан Плевнеш преведена на албански јазик.

Фото: Герта Кордали

 

 

Scroll to Top