Филхармонијата ќе прослави 78 години постоење

Оркестарот на Филхармонија во четврток ќе прослави 78 години постоење на институцијата, со концерт насловен „Азно“ на кој ќе настапат солистите Кирил Трусов и Гордана Јосифова Неделковска и диригентот Борјан Цанев.

Кирил Трусов како виолинист е редовен гостин на престижните светски сцени и најпознатите музички фестивали.

Обоистката Гордана Јосифова-Неделковска магистрирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршила на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Јосифова-Неделковска како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт-Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот Кими Синфониета од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија и многу други. На нејзиниот репертоар се дела од раниот барок, па се до современото творештво, вклучувајќи и бројни праизведби на дела од современите композитори и дела од македонски автори.

Диригентот и професор на ФМУ, Борјан Цанев е добитник на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“. Добитник е и на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Маестро Цанев во 2015 година го предводеше оркестарот на Филхармонијата на Република Северна Македонија на своето прво гостување во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.

Scroll to Top