(Фото) Бел е првото куче асистент кое присуствувало на породувањето на газдарицата

Двегодишната кучка Бел е првото куче асистент кое присуствувало за време на породувањето на нејзината газдарица во Универзитетската болница во Милтон Кинс, во Велика Британија, пренесе „Би-би-си“.

Станува збор за стафордширски териер, кој се грижел за нејзината газдарица Ами Томпкинс, која има аутизам и долга здравствена историја со анксиозност. Секогаш кога ќе видела дека Ами е под стрес или има некаква болка, Бел ќе легнела покрај неа за да ја смири и да ѝ ја даде потребната поддршка.

„Не можев да ја напуштам куќата со месеци, дури ни за да одам на лекар или до продавница. Една од акушерките ми предложи да ја земат Бел да присуствува во породилното одделение, откако виде колку може да биде корисна“, рече Ами.

Кучето морало да помине низ проценка за нивото на ризик пред да добие пристап до породилното одделение.

„Лекарите кога ја видоа беа воодушевени“, рече Ами, која додаде дека е горда на Бел, која освои национална награда.

„Бел е мирно и прекрасно куче и го заслужува целото признание“, рече Ами.

„Ни беше јасно колку е важно да ѝ се овозможи на Бел да биде со г-ѓа Томкинс за време на нејзиниот престој во породилното одделение, со цел да ѝ обезбеди удобност и поддршка“, рече главната акушерка во болницата, Мелиса Дејвис.

Scroll to Top