Француски уметник дупките на улиците ги поправа со уникатни мозаици

Францускиот уметник Емемем од Лион направил околу 350 мозаици, на тој начин покривајќи ги дупките на улиците и тротоарите.

Со оваа уметност започнал пред неговата улица, која во тоа време изгледала како обична, стара, темна и досадна. Изработувал мали шарени украси со парчиња керамика што веќе ги имал во работилницата. Кога видел дека завршил одлична работа, поскал тоа да го направи и со други дупки.

Емемем го покрил својот град со повеќе од 350 мали уметнички дела, по што добил понуди својата уметност да ја покаже и во други земји  како Норвешка, Шкотска, Германија, Италија и градови низ цела Франција.

Својот метод на работа го опишува како „флекирање“, чин на љубов, поправка и присвојување на местото, одноно јавниот простор кој често го запоставуваме и треба да биде природен како домот што го имаме. Пукнатините и дупките на тротоарите ги полни со керамика, стакло, камен или кој било материјал што се покажува доволно издржлив.

Тој прави уметнички интервенции навечер, така што наутро минувачите ќе ги дочекаат пријатни изненадувања. Смета дека се пораки на љубов.

Станува збор за постапка која потсетува на познатата јапонска техника Kintsugi, во која пукнатините на керамиката се поправаат со нивно полнење со злато. Филозофијата зад неа е прифаќање на несовршеноста и наоѓање убавина во оштетеното и скршеното.

 

Scroll to Top