На битолски „Широк сокак“ со дефиле и изведба на Комитското, по 53-ти пат се славеше отворањето на светскиот фолклор на традиционалните „Илинденски денови“.
Над 1.200 гости од Ирска, Италија, Мексико, Чиле, Грузија, Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија ќе настапат на различни локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена во следните неколку денови.
Ова е фестивал кој трае вкупно 13 денови и има испланирано 60 настани, како културно ехо на манифестот од 1903- а годинава се одржува под мотото “Отворен круг”.
„Дефилето на „Илинденски денови“ ја прокламира племенитата мисија на илјадници народни уметници да се преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации. За градот домаќин и организаторот овој фестивал над половина век е печатот на нашиот идентитет. Место каде го споделуваме своето и го уважуваме туѓото во духот на Гоцевата мисла“, информираат од Центарот за култура Битола.
Цели 53 години фестивалот настојува да ја продолжи традицијата живо да егзистира меѓу народот. Фестивалот во последните години целосно се отвори кон светот, благодарејќи на добивањето на сертификат на интернационален CIOFF фестивал и со тоа влезе во семејството на CIOFF (International Counsil of Organizations of Folklore Festivals and Folklore Arts) официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво.
„Илинденските денови” се амбасадор на македонската култура во светот. Фестивал што започна скромно како републички фестивал на народни песни и игри пред повеќе од половина век, а прерасна во интернационален и е единствен фестивал од Македонија што е во елитата на фолклорни фестивали во светот.
Фото: Ивона Кочов/ Фејсбук Центар за култура Битола