(Галерија) Тиесто ѝ се поклони на публиката во Скопје, делириум на настапот на холандскиот диџеј

Еден од најдобрите светски диџеи, Тиесто, вчеравечер во Скопје направи журка за која долго ќе се зборува. Воодушевен од атмосферата на Стадионот на АРМ, тој на крајот на настапот се симна од бината и ѝ се поклони на публиката. Од првата пуштена песна, па до крајот на неговиот настап, кој траеше повеќе од два часа, сите се забавуваа и уживаа во диџеј сетот на холандскиот продуцент.

Вечерта почна со настапот на македонското дуо Сирилик, а по нив свој сет имаше диџеј Галоски. Но кога по полноќ на сцената излезе Тиесто, почна вистинската журката. Еден по друг се редеа хитовите кои му ја одбележаа кариерата и го направија еден од најдобрите светски диџеи во последните дваесет години. Публиката како во делириум врескаше со кренати раце и уживаше во одличната музика.

И Тиесто не криеше дека го понесе енергијата на стадионот на АРМ, па го заврши настапот со зборовите „Фала Македонија“ и се симна пред бината да им се поклони. Тогаш почнаа најгласните овации, па Тиесто уште еднаш се врати на сцената и продолжи да пушта музика уште 20 минути.

Сепак имаше и такви кои не беа задоволни од организацијата на концертот. Па откако Авалон објави фотка од преполниот стадион со најава дека журката со Тиесто ќе почне по полноќ, тргнаа и негативните коментари. „Тиесто да ти имал концерт на 17 не на 16 јуни“, „Нели почнува од 9?“, „Измрзнавме“, „Непрофесионално“, им напишаа на  „Фејсбук“. Но, други им одговорија дека ниеден диџеј сет не почнува пред полноќ, а дека зајадливи коментари не треба да ја уништат журката уште пред да почне.

Откако заврши диџеј сетот на Тиесто, организаторите „Авалон продукција“ ги објавија имињата на музичарите што ќе настапат на Охрид колинг од 29 јули до 1 август, а меѓу нив се и Види Вичи, Лост Фриквенсис, Вил Спаркс, Тими Трампет и други.

Редакција Репортер

 

Scroll to Top