(Галерија) Ѕвезденото небо на Тоше вчера првпат светеше во Крушево

Вчеравечер на Гумење се одржа концертот „Со љубов за Тоше“, а фановите од цела Македонија првпат му направија ѕвездено небо во Крушево. Со ова се одбележаа 15 години од последниот концерт на Тоше Проески на Градскиот стадион во Скопје. Пред Спомен куќата, пријателите на Тоше и пејачи кои никогаш не го запознале, но ја почитуваат неговата музика, ги пееја неговите најголеми хитови.

dobivaj vesti na viber

Песните се редеа една по друга. А фановите од цела Македонија ги пееја на цел глас од почеток до крај. „По тебе“, „Соба за тага“, „Цреша“, „Среќна ли си ти“, „Боже чувај ја од зло“, „Сонце во твоите руси коси“, „Вежи ме за себе“, „Тајно моја“, Hardest Thing, измамија емоции кај сите. Едни плачеа, други со насмевка се вратија во едно убаво време кога Тоше им ги пееше омилените песни, а сите заедно го правеа ѕвезденото небо.

Вчера песните на Тоше ги пееја Каролина Гочева, Дани Димитровска, Ѓоко Танески, Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ и многу други. А Јоце Панов од сцената ги повика обожавателите да направат ново ѕвездено небо и да се сетат на 5 октомври 2007 година, кога Тоше го одржа последниот концерт. Додека Јоце ја пееше „Громови на душа“, публиката ги запали светилките на мобилните телефони и заедно го повторија ѕвезденото небо.

На половина концерт од сцената си отиде Камерниот оркестар на Битола, а излезе бендот на Тоше, музичарите кои со години го следеа на неговите настапи. Тие ги придружуваа Каролина, Јелена, Бојан Маровиќ додека ги пееја омилените песни од Проески…

Организаторите, пак, им доделија благодарници на сите пејачи.

Ни суденото време и температурата од 7 степени не ги избркаа обожавателите на Тоше да си одат порано. Концертот кој доцнеше скоро 40 минути, имаше и други грешки. Па така, Бени Шакири од сцената се пожали дека пејачите немале проба, а два пати се пееше и „Срце није камен“.

Водители беа Ване Маркоски и Нора Шаќири кои раскажаа неколку анегдоти за починатата музичка ѕвезда, зборуваа за книгата „Ова не е крај“ што ја напиша новинарката Соња Алексоска Неделкоска и ја потсетуваа публиката на животот на Тоше.

Концертот „Со љубов за Тоше“ го организира Фондацијата Тоше Проески.

Фото: Марио Ќука, Мариа ДиБијаџио

 

 

Scroll to Top