Оркестарот на Филхармонија на 3 ноември ќе го одржи концертот насловен „Омаж на маестро Александар Џамбазов“ во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“. Концертот е хуманитарен, а парите од билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија „Баланс-Мк“.
На концертот публиката ќе може да проследи дела од неговиот симфониски опус: „Седумте танцови варијации“ со Елена Атанасовска-Ивановска како солист на пијано и „Рапсодија за Скопје“ со Иво Настевски како солист на пијано, но и дела од маестро Џамбазов напишани за ревиски оркестар: „Реминисценија“, „Балада за Шпато“ и други. Неговите песни ќе ги пеат Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере, Александар Тарабунов и Антониа Гиговска, а диригент ќе биде Џијан Емин.
![]()
„Со овој концерт оркестарот на Филхармонија, СОКОМ и пејачите кои ќе настапат на сцена ќе му оддадат признание и почит на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов, кој зад себе остави непроценлив музички опус“, велат организаторите.
Повеќе од 40 години композициите на Џамбазов беа неодминлив дел на најпознатите македонски фестивали и фестивалите во поранешна Југославија. Тој остави многу мелодии кои се вбројуваат во евергрините на македонската популарна музика. Особено е значајно и неговото творештво на полето на детската песна. Во првите петнаесетина години од постоењето на „Златно славејче“, неговиот авторски придонес во програмата овозможи фестивалот да прерасне во еден од најважните фактори во музичкото воспитување и образование на најмладите. Во сферата на класичната музика Џамбазов напиша неколку маркантни композиции, а неговата „Рапсодија за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар е добитник на највисоко признание на меѓународниот фестивал во Кава де Тирени – Италија.
Концертот посветен на маестро Џамбазов почнува во 20 часот.






