Италијански тенори ќе гo отворат Охридско лето, над илјада уметници ќе настапат на фестивалот

Под диригентска палка на Лоренцо Бицари, четири светски тенори од Италија, Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини, придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62. издание на фестивалот Охридско лето на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.

„Нè очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на Охридско лето, маестро Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет, и Сања Арсовска, актерка од Драмскиот театар Скопје. На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени – Антички театар, Долни Сарај, предворјето на црквата „Света Софија“, како и самата црква „Света Софија“ и Центарот за култура – ќе пречекаме над 1.000 уметници од 25 земји“, најави директорката на НУ Охридско лето Наташа Поповиќ.

Новата селекторка на музичката програма на Охридско лето, Бисера Чадловска, издвои неколку настани, кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.

На програмата на 62. издание на Охридско лето ќе настапи камерниот оркестар ‘Профундис“, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, на роденденот на Охридско лето ќе настапи фламенко-балетот ‘Луксурија’, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко-танци. Оваа година фестивалот ќе се затвори со еден многу посебен настан, посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела.

Богатата драмска програма на годинешното 62. Охридско лето, како што најави селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, ќе ја предводат њујоршката „Ла Мама“ со копродуциската „Балкан бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и шест исклучителни домашни претстави.

Scroll to Top