Изолирано племе во Тихиот Океан верува дека ги штити духот на починатиот принц Филип

Жителите на островот Тана, во југозападниот дел на Тихиот Океан, веруваат дека духот на принцот Филип ги штити и дека еден ден ќе се врати меѓу нив.

На островот постои легенда која се пренесува со генерации: синот на планинскиот дух отпатувал преку големата вода во некоја далечна земја за да се ожени со моќна жена, ама еден ден ќе се врати дома. Според жителите на селата Јаохнанен и Јакел, починатиот британски монарх е синот што се спомнува во легендата. Откако војводата од Единбург го посетил изолираниот остров во 1974 година, тоа верување станало уште посилно.

„По смртта на Филип, припадниците на племето почнаа да го обожуваат Чарлс, како негов наследник. Тие не им веруваат на жените, па затоа никогаш не ја воздигаа Елизабета, дури ни кога беше жива. Тоа нема врска со ‘култот на обожување на белиот човек’“, рекол за австралиските медиуми Кирк Хофман, научник и почесен кустос на Националниот музеј во Ванату.

Ванату е островска држава во Тихиот Океан, а се наоѓа околу 2000 километри североисточно од Австралија. Државата има 82 острови, од нив 65 се населени. Тана е еден од поголемите острови. Кога пред четири години принцот Чарлс го посетил островот, бил прогласен за висок поглавар, а племенскиот поглавица му дал да се напие голтка кафе што се чува само за посебни прилики.

Последен ова специјално кафе го пиел неговиот татко Филип, кога го посетил островот. Неколку години потоа, кралското семејство испратило фотографии од посетата на Филип на племето, и тие денес се чуваат како вредна реликвија и за припадниците на племето имаат непроценлива вредност. Фотографиите се покажуваат и во текот на ритуалниот танц со кој им се оддава почест на членовите на кралското семејство но, најмногу на починатиот Филип.

 

Scroll to Top