Јапонците направија пауза од славењето за да ги исчистат трибините по победата над Германија

Јапонија вчера изненади на Светското првенство во Катар откако ја победи Германија со 2:1. Но, по победата место да продолжат да слават, јапонските навивачи го исчистија ѓубрето, слика која секогаш ја оставаат по натпреварите. Додека нивните фудбалери го напуштаа теренот, јапонските фанови направија пауза од славењето, го собраа ѓубрето од стадионот „Халифа“, па потоа продолжија да се радуваат за победата.

„Во Јапонија чистењето е дел од културата и оваа навика им се всадува на луѓето уште на рана возраст. Чистењето е начин на кој Јапонците го покажуваат нивниот начин на живеење. Собирањето ѓубре по фудбалски натпревари е само продолжување на основното однесување што го учат во училиште, каде децата редовно ги чистат училниците и ходниците“, вели Скот Норт, професор по социологија на Универзитетот во Осака.

По завршувањето на натпреварите, најчесто трибините се полни со отпадоци, што не е случај со Јапонците кои секогаш оставаат впечаток баш затоа што по нив си го чистат ѓубрето. Тие го правеа истото и на последното Светско првенство во Русија. Тие дури и по првиот меч во Катар го чистеа ѓубрето, иако Јапонија  не играше, туку играше домашната селекција против Еквадор.

Scroll to Top