„Кајмак“ на Милчо Манчевски ќе има светска премиера во Токио

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“ ќе има светска премиера на 35. меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), кој ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември. Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.

Фестивалот во Токио е најголем е во Азија и еден од најголемите во светот. „Кајмак“ во Токио ќе се прикаже во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на филмот ќе се појават на црвениот тепих и ќе учествуваат во два разговора со публиката, а режисерот ќе одржи и специјален мастер-клас за јапонската стручна публика и за студенти.

Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор што ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“.

 

„Кајмак“ е црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерство.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

 

 

Scroll to Top