Кармел, град на море во Калифорнија, се смета за еден од најубавите во Америка. Основан е во 1771 година како дел од мисијата за ширење на христијанството, а на почетокот на 20 век стана еден од најважните центри за уметниците од САД. Овој град изгледа како да е нацртан во книгите со најубавите бајки, велат оние што го посетиле.
Кармел е еден вид микрокосмос во кој живеат околу 3.800 луѓе, а животот се заснова на вредностите на таканаречениот калифорниски сон, односно независност, креативност и неуморен слободен дух.
Градоначалник на Кармел во 80-тите беше и Клинт Иствуд. Иако долго време не е градски лидер, често доаѓа во градот за кој вели дека му е омилен, и свири на клавир во барот „Мишн ранч“. Голем придонес за овој град дала и глумицата Дорис Деј, која се погрижила за привилегираниот статус на кучињата кои се добредојдени во речиси сите објекти во градот.
За да избегне масовна урбанизација и да остане мал, жителите усвоиле некои неконвенционални закони. Па, градот има ограничено улично осветлување за да не биде премногу гламурозен, нема високи згради и нема броеви на куќите. За да може полесно да се движат во текот на ноќта, локалните жители со себе носат батериски ламби. Како што нема адреси, така и во Кармел нема синџири на ресторани за брза храна, но има кетеринг понуда која се базира на разновидна интернационална кујна, локална храна и вино.
Сепак, едно од најчудните правила е забраната да се носат штикли повисоки од 5 сантиметри. Ова дошло откако градските власти забраниле сечење на дрвјата, па корените на големите чемпреси го кревале тротоарот, а нерамните патеки и улици станувале проблематични за жените кои сакале да носат штикли. За да избегнат тужби од жени кои се повредиле носејќи високи потпетици, Кармел забранил одење на штикли.