Комичарка се потсмеваше со Илон Маск, па тој ѝ го избриша профилот на „Твитер“

Милијардерот Илон Маск ѝ го избриша профилот на „Твитер“ на комичарката Кети Грифин, откако таа се потсмеваше со него. Новиот сопственик на „Твитер“ рече дека во иднина секој кој ќе се обиде да имитира некого на социјалната мрежа ќе биде избришан, освен ако не наведе дека се работи за пародија.

Профилот на Грифин беше избришан вчера, еден ден откако таа го смени името на профилот во Илон Маск и почна да објавува различни содржини. Грифин е позната по тоа што ги исмева познатите личности во САД. Во 2017 година, за време на изборната ноќ, објави фотографија на „Твитер“ со крвава глава на Трамп.

Фотографијата ја направил Тајлер Шилдс, а Грифин ја објави откако Трамп предвреме прогласи победа на изборите. Од „Твитер“ ја означија оваа содржина со потенцијално чувствителна содржина. Истата предизвика и гнев кај Американците кои го поддржуваа Трамп.

Скандалот ја чинеше Грифин кариера и изгуби многу деловни понуди, а таблоидите пренесоа и ја споредија со терорист. Изгуби голем број од пријателите, како и добар дел од Холивуд, а доби и смртни закани.

Иако јавно се извини, а и надлежните направија истрага за објавите, кариерата ѝ беше во слободен пад.

„Сè уште сум на црната листа. Ниту една агенција не сака да работи со мене. Нема телевизиска компанија. Нема услуга за стриминг. Никој. А сепак, ќе заработам пари. Заработив пари за сѐ и пак ќе заработам. Морам да се ископам од оваа дупка“, рече во интервју за „Лос Анџелес тајмс“.

Подоцна го повлече извинувањето и го претвори скандалот во стендап-комедија по што излезе и документарниот филм „Кети Грифин: Пеколна приказна“.

Scroll to Top