Кралската ковачница го претстави портретот на кралот Чарлс Трети што ќе се најде на британските монети

Портретот на кралот Чарлс Трети кој ќе се најде на британските монети претставен е во Кралската ковачница.

Портретот ќе биде прикажан на две монети во специјалната серија што го слави животот на кралицата Елизабета Втора, едната од пет фунти, а другата од 50 пени.

Монетите ќе влезат во оптек најверојатно во декември, објави Кралската ковачница. Официјалниот портрет на кралот на идните монети е дело на скулпторот Мартин Џенингс.

„Според традицијата, портретот на кралот е свртен лево, во спротивна насока од кралицата Елизабета Втора на британските монети кои сега се во оптек“, соопштија од Кралската ковачница.

На задната страна на комеморативната монета од 5 фунти ќе бидат прикажани два нови портрети на Елизабета Втора, потпишани од уметникот Џон Бергдал.

„Сите британски монети со ликот на Елизабета Втора ќе останат во оптек“, објави Кралската ковачница, институцијата која е одговорна за портретите на кралското семејство на монетите повеќе од 1.100 години.

Во моментов во Обединетото Кралство се во оптек 27 милијарди монети на Елизабета Втора и тие постепено ќе бидат заменети како што ќе се оштетуваат, велат од Кралската ковачница.

Scroll to Top