Танцовото и фитнес студио „Денсерс јунајтед“, од Скопје се вратија од Варшава каде освоија медали од настапот на Европското првенство во танц кој се одржуваше на  29 и 30 април . Во повеќе категории, ова студио освои многу медали. Со инклузивната танцова точка на лица со типичен и со атипичен развој, успеaја да ја одбранат титулата светски прваци и да го освојоат златниот медал од Светскиот куп.

Танчерите на „Денсерс јунајтед“ со типичен развој, од Европското првенство во Варшава си заминаа со уште неколку шампионски титули на европско ниво и тоа: златен медал во категорија младинци група латино поу, сребрени медали во категории деца и јуниори мала група латино шоу, шампионска титула за најмладиот танчер на студиото Емили Нера Кочан во категорија мини кидс латино шоу, сребрени и бронзени медали во категорија латино танци соло девојки и парови младинци.

– Во Варшава повторно се вееја македонските знамиња и се пееше македонската химна. И овој пат овие наши културни амбасадори заблескаа во сиот свој сјај. На радоста и на емоциите им немаше крај. На ваков начин студиото на овие лица им овозможува да изградат успешни приказни во светот на танцот и со сопствен настап или инклузивно со останатите танчери со типичен развој, да освојуваат медали на домашните, европските и светски шампионати – вели Сара Кочан.

 

Скопското танцово и фитнес студио „Денсерс јунајтед“ е клуб кој повеќе години наназад продуцира врвни танчери и танчерки, кои освојуваат медали на домашни и меѓународни натпревари, во разни категории на танци на европско и на светско ниво. Но, уште позначајно за ова студио, со кое тоа се одвојува од останатите, е тоа што во својата програма, од далечната 2013 година опфаќа и лица со Даун синдром и други попречености.