Мечка нападна и усмрти маж во шума во Италија, семејството ги тужи властите за населување на животните

Семејството на Андреа Папи, 26-годишниот италијански тркач кој беше нападнат и убиен од мечка во шумата над Калдес, објави дека има намера да ја тужи автономната провинција Тренто и државата поради програмата за повторно воведување и населување мечки во областа, објави денеска локалниот весник, повикувајќи се на мајката на младиот човек.

Семејството, како што пренесува весникот „Месадјеро“, веќе се обратило до адвокати. Намерата е да се оспори начинот на кој се реализираше проектот Life Ursus, без консултативен референдум меѓу населението од овој регион.

Според резултатите од обдукцијата, која била извршена во петокот, Папи им подлегнал на раните што ги нанела мечката, изјави извор од медицинските служби. ДНК тестот треба да овозможи идентификација на животното во наредните денови. Според италијанските медиуми, Андреа Папи бил жив кога мечката го нападнала и го влечела 70 метри. Хипотезата изнесена од истражителите ја потврдија тројца експерти – судски вештак, ветеринар и експерт за ДНК на животните – кои извршија постмортални тестови.

Претседателот на провинцијата Тренто, Маурицио Фугати, потпиша итна наредба за убивање на примерокот од мечката одговорна за нападот, а најави и дека ќе побара надлежните служби соодветно да реагираат во врска со уште три мечки кои се се сметаат за проблематични. Покрај тоа, следната недела Фугати ќе се сретне со министерот за животна средина за да побара промена на моделот на управување и надзор на мечките во Трентино.

Scroll to Top