Мажите ширум светот денеска почнуваат да го одбележуваат мовембер или ноември без бричење, месец на машка солидарност и охрабрувачки превентивни прегледи. Од 2003 година, кога оваа практика започна во Австралија, мажите ширум светот пуштаат мустаќи за да ја подигнат свеста за здравјето на мажите и за ризиците од рак на простата, тестисите и други болести кои го погодуваат посилниот пол.
„Ги замолуваме мажите да го променат својот изглед бидејќи тоа поттикнува разговор. Поентата е во брадата и мустаќите. Кога мажите ќе им кажат на своите познаници зошто пуштиле брада и мустаќи, можат да го прошират разговорот и на здравјето, кога последен пат отишле на преглед, како се чувствуваат и ги охрабруваат повеќе да се грижат за своето здравје“, изјавил директорот на американската организација Мовембер, Марк Хедсторм.
Тој потсетува дека ракот на простата нема јасни рани симптоми и дека се јавува во процент од пет до седум отсто од мажите над 50 години и дека е целосно излечив во раните фази на откривање.
„Кога станува збор за ракот на тестисите, кој ги погодува помладите мажи, првиот знак може да биде зголемен тестис или појава на јазол на тој дел од телото. Растот може да биде со големина на грашок кога туморот е само откриен, но може да биде многу поголем ако болеста е веќе напредната. Болка или непријатност, со или без оток, исто така може да бидат симптоми на оваа форма на рак и знак дека треба да се обратите на лекар“, нагласува Хедстром.
Во многу земји се организира хуманитарна помош и за здруженијата кои се борат против ракот со донирање на парите што мажите би ги потрошиле на производи за бричење и после бричење во текот на ноември.