На роденденот на аутистичниот син дошле само две другарки од одделението: Скопјанката Ирена Лозана со емотивна објава за своето дете и апел за прифаќање на различностите

Ирена Лозана е мајка на три деца, помеѓу нив и синот Кан на кој му е диајгностициран аутизам. Таа на социјалните мрежи сподели емотивна објава, посветена на роденденот на Кан, со цел будење на свеста кај луѓето за различностите и инклузијата.

„Вчера на Кан му беше роденден. Иако како секогаш планиравме да му го славиме роденденот во градскиот парк на поканата на едни драги гости се случи следново. Нашата драга пријателка Марија наместо само да дојде на роденденот решила да го изненади Кан некако поинаку. За оние кои го познаваат Кан знаат дека е на аутистичен спектар и дека оваа година е целосно заљубен во Супер Марио, Кан е облечен како Марио по цел ден и секаде така шета. Некој се шета во „Најк“ и во „Гучи“ некој дотеран како Супер Марио“, вака Ирена ја почнува објавата.

Таа раскажува како нејзината пријателка Марија барала костум од Супер Марио за да го изненади Кан на забавата. Така барајќи костум дошла до Игротеката Супер Марио. Кога таа и објаснила на сопственичката на игротеката за што ѝ треба костумот, таа и понудила роденденот на Кан да го прослават во игротеката како подарок од неа за Кан, со цела организација за неговата роденденска забава вклучувјаќи ја и тортата со Супер Марио.

„На роденденската забава како што може да видите имаше само две другарки од неговото одделение, нашето семејство и вработените во игротеката (кој беа прекрасни домаќини).  Да ми се случеше ова пред неколку години кога Кан беше помалечок и додека сè уште бев во тага и во збунетост веројатно ќе плачев цел ден и ќе се секирав што ќе биде со моето дете и каков неспособен родител сум јас, и веројатно ќе се решев да се изолирам уште повеќе и никогаш да не направам ни забава за него ни ништо. Јас знам дека многу посебни родители го чувствуваат истово секој ден.  И фала Богу не сум таму веќе неколку години наназад, работам силно на себе и на подигање на свеста на моето семјство и на другите околу мене. Но за жал многу семејства не се во оваа состојба, голем број семејства поточно родителите на децата со посебности се изолираат од страв, од тага па дури и со гнев на сè што се случува околу нив. И сега после ова веќе сме подготвени да одбереме страна и да кажеме. На што личи ова како можеле вака родителите на другите деца и да ги обвиниме и да станат лошите во приказнава. Не го пишувам ова за да го зголемам гневот и осудата, напротив не сакам да ги обвинувам родителите на децата од нашето одделение што не ги донеле децата. Знам дека секој има свои обврски и дека сите сме презафатени со себе и со своите проблеми. Тажно е, но сè помалку сакаме да превземеме лична одговорност за нештата во нашиот живот и за луѓето околу нас бидејќи мислиме дека одговорноста да се биде инклузивен е тешка работа. Треба само да разбереме дека за да се биде инклузвен потребно е само да се сака и да се има волја“, стои во објавата на Ирена.

Мајката на Кан раскажа дека неколку години му прославуваат роденден во Градски парк, и дека оваа година нема да го пресконе и дека денеска повторно ќе го прслават роденденот на Кан во природа.

„Прво таму решив да биде бидејќи е отворен простор во природа каде што децата се слободни, а родителите можат лесно да ги следат без да се стресуваат. Втората причина е што целата забава е многу опуштена и неофицијална. Трето е што сите сто решиле да дојдат знам дека ќе ја искористат шансата и ќе се прошетаат низ парк тој ден и ќе си поминат уште поубаво и покрај забавата. И четврто во текот на забавата таму каде што сме поминуваат други луѓе си полнат вода седнуваат да се одморат и кога ќе видат дека има роденден му честитаат на Кан. Таму Кан никогаш не е сам. И утре ние повторно ќе правиме роденденска забава во парк и ги поканавме нашите пријатели и сите деца од одделението и секако целиот парк. Храна не знам дали ќе има за сите, но ќе се потрудиме. И сега следното и многу важно нешто … Утре можеби ќе врне а можеби и не…Ние ќе се спремиме ќе се облечеме и ќе си земеме чадори, а башка таму има и стреа. Не го менувам датумот бидејќи треба да научиме дека природата е тука за да уживаме во секое годишно време и во сите нејзини убавини. Ако ни заврне барем ќе бидеме едни до други и ќе уживаме во дождот. Се гледаме во парк“, напиша Ирена.

Фото: Фејсбук

Scroll to Top