На суд ќе се појави девојката од Полска која тврдеше дека е Медлин, ги демнела родителите на исчезнатото девојче

Девојката од Полска која тврдеше дека е Британката Медлин Мек Кен, утрово треба да се појави на суд, откако беше обвинета за следење, пишува Дејли Мејл.

Џулија Вандел (23) е обвинета по четири точки за следење откако завчера беше уапсена на аеродромот во Бристол.

Се верува дека таа ги демнела Кејт и Гери Мек Кен, родителите на исчезнатата Медлин, иако полицијата во Лестершир официјално не го потврдила тоа. Вандел е во притвор и денеска треба да се појави пред судии во Лестер.

Медлин Мек Кен од англискиот град Ротли исчезна на 3 мај 2007 година во португалското одморалиште Праја да Луз, каде што беше на одмор со своите родители. Тие ги оставиле тригодишната Медлин и нејзините помали браќа близнаци да спијат во станот, додека отишле на вечера со пријателите во близина.

Полицијата во Лестершир објави дека две од обвиненијата против неа се однесуваат на следење помеѓу 2 мај 2024 година и 15 февруари 2025 година. Третото обвинение опфаќа инциденти помеѓу 3 јануари 2024 година и 21 април 2024 година, додека четвртото се однесува на дела извршени помеѓу 27 ноември 2024 и 2 декември 2024 година.

Полицијата потврди и дека 60-годишната жена од Велс, која беше уапсена со Вандел на аеродромот во Бристол, е пуштена на слобода со полициска кауција. Двете жени беа уапсени под сомнение дека ги следеле Кејт и Гери Мек Кен, кои живеат во Лестершир.

Вандел беше уапсена откако пристигна во Бристол со лет на Рајанер од нејзиниот роден град Вроцлав во југозападна Полска. Двете жени биле однесени во притворската единица во Лестер на сослушување по нивното апсење. Се верува дека жените автоматски биле подложени на ДНК тест по апсењето, што е стандардна процедура во ОК за евидентирани злосторства.

Бидејќи следењето во ОК е евидентирано, нивните генетски податоци ќе бидат зачувани во националната полициска база на податоци за ДНК. Ова ќе и овозможи на полицијата конечно да ја потврди вистинитоста на тврдењата на Вандел дека таа би можела да биде Медлин, споредувајќи го нејзиниот примерок со примероци од исчезнатата Медлин или од нејзиното потесно семејство.

Исчезнувањето на Медлин Мек Кен е една од најголемите истраги за исчезнати лица во историјата, а нејзината судбина сè уште останува непозната. Британското Министерство за внатрешни работи минатата година потврди дека одобрило дополнителни 192.000 фунти (околу 224.000 евра) за истрагата на Скотланд Јард за исчезнувањето на Медлин.

Текстот На суд ќе се појави девојката од Полска која тврдеше дека е Медлин, ги демнела родителите на исчезнатото девојче е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top