Научници ја решија мистеријата на суштеството старо 500 милиони години, имало уста но не и анус

Научници од Британија и Кина тврдат дека ја решиле еволуциската мистерија поврзана со микроскопско суштество старо 500 милиони години, кое имало уста, но не и анус. Фосилот наречен Saccorhytus coronariusе е откриен во 2017 година и во прв момент се верувало дека ова морското суштество би можело да биде најраниот познат предок на човекот.

Животното било сместено во групата деутеростоми, примитивни предци на ‘рбетниците, вклучувајќи ги и луѓето. Откако научниците направија детална рендгенска анализа, заклучија дека припаѓа на сосема друга група, односно на предците на пајаци и инсекти.

„Главната причина за оваа еволуциска конфузија беше недостигот на анусот. Речиси сите предци на пајаци и инсекти имале анус, зошто немал и овој? Дури и постарите предци на оваа цела група имале анус, а Saccorhytus еволуирал по нив. Можеби се изгубил во текот на сопствената еволуција, можеби немал потреба од него зашто седел во една точка и еден отвор му бил доволен“, вели Емили Карлајл, која го проучуваше древното суштество, кое е со големина од еден милиметар.

Таа верува дека Saccorhytus живееле во талози во океаните, држејќи се со шилците за едно место.

„Карпите што содржат вакви камбриски фосили сè уште се проучуваат. Имаме уште многу да научиме за нивната околина“, вели Карлајл.

Scroll to Top