Научници оживеаја црви кои биле замрзнати 46.000 години

Научници успеале да оживеат црви кои биле замрзнати пред 46.000 години. Велат дека станува збор за досега непознат вид на црви. За нив само се знае дека биле замрзнати во време на ледената доба. Биле пронајдени пред неколку години во примерок на сибирски мраз на длабочна од 40 метри.

Црвите биле во криптобиоза, состојба во која метаболичките процеси се речиси целосно запрени. Досега научниците имаат докази дека црвите во ваква состојба можат да поминат неколку децении. Тие создаваат шеќер, трегалоза, кој помага да се заштити нивната ДНК и протеини додека се во фаза на одмор.

„Проверувајќи ги базите на податоци, не можевме да најдеме генетски секвенци што се совпаѓаат со оние што ги најдовме. Станува збор за нов вид“, рече доктор Филип Шифер од Универзитетот во Келн.

„По одмрзнувањето, црвите живееле еден месец, но зад себе оставиле околу сто нови генерации. Со проучување на овие видови, споредување на нивните геноми и согледување како тие се прилагодиле на екстремните временски услови, можеме да научиме многу за биологијата за зачувување“, додаде тој.

„Можеме да научиме работи кои би можеле да ни помогнат можеби да спасиме загрозени видови и да размислиме за мерките за зачувување и сите тие работи“, рече Шифер.

Научниците предупредуваат дека со глобалните климатски промени и топењето на мразот, би можеле да се соочиме со досега непознати видови.

„Не се одмрзнуваат само овие црви, се одмрзнуваат и бактериите. Може да има опасни работи скриени таму. Не сакам да предизвикам тревога или нешто слично, но тоа е нешто што е можно“, рече Шифер.

Со топењето на мразот може да ослободат одамна изгубени видови бактерии и вируси кои би можеле да предизвикаат глобални здравствени проблеми како пандемијата на коронавирус, предупредуваат научниците.

Scroll to Top