Научници пронајдоа ДНК стара повеќе од два милиони години на Гренланд

Научниците од Центарот за геогенетика на Фондацијата Лундбек идентификувале ДНК стара два милиони години на животни, растенија и микроби, кои биле пронајдени во седиментни карпи на најсеверната точка на Гренланд, што претставува неверојатно откритие, објави Ројтерс.

Истражувачите соопштија дека откриените фрагменти на ДНК припаѓаат на различни животни, вклучувајќи мастодони, ирваси, зајаци, леминзи и гуски, како и растенија, вклучувајќи топола, бреза и туја, како и микроорганизми, вклучувајќи бактерии и габи.

Според Еске Вилерслев, директорот на Фондацијата Лундбек и водач на студијата што дошла до ова откритие, најголемото изненадување за научниците било откривањето на поранешен уникатен екосистем – мешавина од арктички видови и видови од поумерените области.

„Мастодонот досега не е пронајден на Гренланд. Никој не можеше да предвиди дека пред два милиони години Гренланд има толкава разновидност на растенија и животни, во време кога климата беше многу слична на онаа што ја очекуваме за неколку години поради глобалното затоплување“, рече тој.

ДНК е самореплицирачки материјал кој носи генетски информации во живите организми, и покрај тоа што е многу расиплива, научниците открија дека под соодветни услови може да опстане многу долго.

Вилерслев рече дека старата ДНК не може да се користи за оживување на изумрените видови, како во филмовите за Паркот Јура, но може да помогне да се открие како растенијата стануваат поотпорни на климата што се загрева.

„Таа ДНК не може да се користи за клонирање или заживување, но може да се користи за генетска модификација на живите организми како што се растенијата, со цел да се прилагодат на потопла клима“, рече Вилерслев.

Scroll to Top