Времето на пандемијата и карантинот, а со тоа и замена на училишните клупи со онлајн настава за Борче Стаменов од Кавадарци беше поттик да почне со хуманитарна мисија.
Онлајн наставата донесе и проблем со достапност на компјутери за некои деца, па тука се појави „Чичко Донирај компјутер“ кој им го олесни образованието на тие деца за време на пандемијата. Но мисијата на Борче не заврши тука, тој и понатаму со својот тим продолжи да поправа компјутери и да ги донира.
Иницијативата „Донирај компјутер“ оваа сезона ја затворија со донирани 2512 компјутери на социјално загрозени семејства и училишта низ цела држава.
„Идејата да се започне вакво нешто се роди во моментот кога самохрана мајка побара од нашата фирма да ѝ се даде каков било половен компјутер за нејзините дечиња. Нашите клиенти своите дотрајани ИТ уреди ги носеа кај нас кои ние понатаму ги користевме за деца кои доаѓаа на практична настава кај нас да има на што да учат и вежбаат. Дека „Донирај компјутер“ некогаш ќе стане меѓународно позната и признаена иницијатива никогаш не помислив. Мислев дека ќе ги поделиме тие 20-30 и тука се ќе застане. Но, еве сме, 7 години подоцна го дониравме и 2512-иот компјутер и не планираме да застанеме“, вели Борче за Репортер.
Македонскиот народ знае да се сплоти кога ќе препознае добра идеја и иницијатива. Па и затоа чести се повиците до Борче да се донира компјутер кој потоа ќе се најде во рацете на оние на кои им е најпотребно.
„Донирај компјутер“ на некој начин е токму тоа, логичен одговор на она што ни се случува со образованието. Не само граѓани, нам ни се приклучија и огромни гиганти од ИТ индустријата и општо компании, кои наместо старите компјутери да ги уништат преку нас им даваат нов живот и намена. Оние кои не можат да донираат нешто, понекогаш финансиски не поддржуваат. Станавме огромно народно движење и доста ми е драго што луѓето ја препознаа нашата искреност и желбата да се помогне на државата и на лицата во социјален ризик со донирање на компјутери“, раскажа Борче и не крие дека е горд на иницијативата зад која стои тој и околу десетина волонтери.
Среќата и насмевката на едно дете кое ќе добие компјутер е непроценлива, а токму тоа е најголема радост за Борче и неговиот тим.
„Насмевката ни е омилена „валута”“, вели Борче.
Поривот и мотивот се крие во тоа да докаже на сите дека и еден човек понекогаш е доволен да се направи позитивна промена во општеството, вели тој.
„Тоа што 2016 година почна со зборовите „дечки, имам една идеја ама не е ништо посебно“ излезе дека и тоа како е посебно. Морам да напоменам дека „Донирај компјутер“ работи и комплетно без никаква надворешна финансиска помош. Ние бараме помош од граѓаните само кога ни треба и секогаш ја добиваме поради таа доверба која ја градиме 7 години. Тие средства кои граѓани ни ги донираат ги користиме за да платиме паркинзи и патарини и да каснеме нешто додека патуваме по донации низ цела држава. Најголема помош добиваме од Нептун каде кој саката да донира може да ја остави својата донација, а тие ќе го донесат до Кавадарци. Карго службата Еко Логистик кои сите наши донации ги доставуваат до крајните корисници бесплатно веќе 4 години. И нормално, Дади комерц од каде имаме одреден износ за ставање гориво секој месец. Без овие „спонзори“ немаше да бидеме волку успешни и да, го правиме ова за да може секое семејство да добие еднакви шанси за подобро образование“, раскажува Борче.
Секое семејство или поединец кое се пријавува во „Донирај компјутер“ за добивање компјутер, должно е да достава каков било доказ за својата социјална состојба. Тие потврди (невработеност, самохран родител, лица со посебни потреби и слично) ги земаат само на увид и не ги задржуваат кај нив. После проверката семејството/лицето е известено дали неговото барање е прифатено или одбиено.
„Соработуваме и со доста здруженија од цела Македонија и понекогаш цел тој процес оди преку нив, а ние на крај им праќаме број на ИТ уреди кои тие ги побарале од нас“, рече Борче.
„Донирај компјутер“ во моментов се на заслужен одмор од 15 до 20 дена. Следните предизвици ќе им бидат сконцентрирани на барање нови донатори, патување низ цела држава сè додека не остане никој на кој ќе му биде потребна помош од нив. Немаат планови и цели и тоа го сметаат како една од нивните најдобри карактеристики.
„Не планираме, не ветуваме, но остваруваме многу“, вели Борче.
Г. Додевска