Охридски маратон нема да се одржи оваа година, блокирана е сметката на пливачката федерација

Охридски пливачки маратон оваа година нема да се одржи, објави претседателот на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски.

На денешната средба со претседателот Стево Пендаровски, Стојановски рече дека маратонот не може да се одржи поради блокираната сметка на федерацијата. Додаде дека тоа се должи на лошото финансиско работење на претходното раководство.

Манифестација традиционално се одржуваше под покровителство на претседателот на државата.

„На денешната средба со Стојановски разговаравме за реализираните активности, учества на натпревари, организациските проблеми и предизвици во пливањето на домашен и меѓународен план. Ме информираше дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата и ги образложи причините поради кои е донесена таа одлука, а се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство“, рече претседателот Пендаровски.

Охридскиот маратон и во минатото често се соочуваше со опасноста да не се одржи поради финансиски проблеми, но неговата традиција сепак остана непрекината од 1992 година.

На ланското 34. издание победија Французите Аксел Рејмон и Ошан Касањол.

Scroll to Top