Остатоци од британски кралски брод пронајдени по 340 години

Во близина на брегот Норфолк пронајдени се остатоците на воениот брод „Глостер“ на британската кралска морнарица, кој потонал во 1682 година додека со него пловел идниот крал Џејмс Стјуарт. Бродот први го пронашле браќата Џулијан и Линколн Барнвел во 2007 година заедно со татко им и двајца пријатели. Тие трагале по бродот четири години на подрачје од над 5.000 наутички милји.

Бродот заринкал 28 милји од Грејт Јармут кај Норфолк, но поради времето потребно да се потврди неговиот идентитет и да се заштити ризичното место што се наоѓа во меѓународни води, неговото откривање е објавено дури сега.

„Откривањето на остатоците на овој брод, поради околностите на потонувањето, би можело да биде најзначајното историско поморско откритие од вадењето од морето на ’Мери Роуз‘ во 1982 година“, смета професорката Клер Џовит, која е специјализирана за поморска историја на Универзитетот во Источна Англија.

Првобитно изграден во 1652 година за англиската морнарица, „Глостер“ учествувал во битките во текот на Англиско-шпанската војна од 1654 до 1660 година и во Втората и Третата англиско-холандска војна.

Во 1682 година бродот се судрил со подводна карпа и потонал, а во трагедијата настрадале 250 луѓе. Во тоа време на бродот биле и Џејмс Стјуарт, кој го преживеал бродоломот и станал крал на Англија и Ирска, Џејмс Втори и шкотскиот крал Џејмс Седми. Бидејќи кралот во текот на пловидбата се карал со капетанот на бродот за навигацијата низ опасното подрачје и не сакал да го напушти бродот до последниот миг, предизвикал непотребни жртви на голем број лица, кои поради протоколот не смееле да го напуштат бродот пред кралското семејство. Кралот не сакал да прифати каква било одговорност за потонувањето на бродот, а за несреќата го обвинил капетанот Џејмс Ејрес и барал веднаш да биде обесен. Но, тој бил изведен пред воен суд и затворен.

Многу артефакти, вклучувајќи облека и обувки, се извадени од остатоците, како и бродското ѕвоно, а тоа се случило во 2012 година, што беше клучна трага во потврдата дека станува збор за бродот „Глостер“.

Линколн Барнвел тврди дека бродот го откриле во четвртиот обид кога тимот веќе почнал да губи надеж дека ќе го пронајдат потонатиот брод. Но, кога успеале, морало да ја чуваат тајната.

„Ние бевме единствените луѓе во светот што во тие мигови знаевме каде се наоѓа потонатиот брод. Тоа е посебно чувство и никогаш нема да го заборавам“, рекол Линколн.

Професорката Џовит смета дека откривањето на „Глостер“ фундаментално ќе го смени сфаќањето на општествената, поморска и на политичка историја во 17 век. Изложбата на откриените предмети е закажана за следната пролет во Музејот и уметничката галерија во рамките на замокот „Норич“.

Scroll to Top