Септември и октомври се најдобри месеци за уживање на море, а меѓу стотиците прекрасни острови кои го обвиваат Јадранското Море како бисери, еден е навистина посебен – магичниот Вис. Овој остров е вистински скапоцен камен на Медитеранот.
Плажите на Вис со години ги маѓепсуваат посетители од целиот свет. Најпознатиот и најатрактивен залив на тој остров е Стинива, чија плажа безброј пати е прогласена за најубава на светот. Посетата на овој остров вон сезона нуди посебно искуство, бидејќи тогаш гужвите се помалку изразени. Стинива се наоѓа на јужната страна на островот, а бидејќи до него нема пат, успеала да ја зачува својата природна убавина. До него може да се стигне со брод или пеш преку лошо одржувани патеки. Белите камчиња, прекрасното чисто море и карпите кои ја опкружуваат плажата како чувари се навистина прекрасна глетка во која сигурно ќе уживате.
Покрај Стинива, многумина ја обожаваат и Притишчина, која е еден од најмалите заливи на Вис. Тука се и пространата плажа Сребрена, плажата Варталац, која се наоѓа во мирен и изолиран залив недалеку од Комижа, Мала Травна, локален миленик и заливот Грандовац, кој исто така е едно од омилените места за сите љубители на недопрената природа.
Всушност, невозможно е да се зборува за островот без да се спомене неговата гастрономија. Многу традиционални јадења на Вис датираат од античко време, а гастрономијата на островот е позната како една од најдобрите во Хрватска. Во внатрешноста на Вис, гостилницата Аеродром е омилено место за многумина, која својата гастрономска приказна ја темели на ладни јадења и понуда на одлични вина vo чаша.
Во подножјето на највисокиот врв на островот Вис, Хјум, се наоѓа едно од најубавите етнички села во Далмација, кое го добило името по својата локација: Подхумље, а кое е познато по одличното вино и маслиново масло. Се наоѓа на околу 6 километри од Комижа, а е опкружен со бројни археолошки локалитети, како што се неолитскиот базен Локва и остатоците од старата римска вила во Бачково. Во селата кои го опкружуваат се гледаат куќи и фарми од 19 век, а во самата населба се наоѓа црквата Св. Никола.
Фасцинантни камени куќи кои се претопуваат во убавото синило на морето, прекрасни плажи и скриени заливи кои ја заслужуваат титулата најубави недопрени оази на Јадранот, медитеранска вегетација која опива со својот мирис, стари цркви кои го издржуваат тестот на времето и Сонце кое грее во просек над 2.600 часа годишно. Сето тоа е Комижа, еден од најубавите градови покрај морето во Хрватска. Идеално е да се посети Комижа во септември и октомври кога нема премногу гужви, а температурите се уште се пријатни за сончање и уживање во сите нејзини убавини.
Задолжително истражете го градот Вис, кој се наоѓа во безбедниот и мирен залив Св. Јурја, која обезбедува засолниште за многу рибари и едрилици. Овој бисер на Медитеранот е опкружен со густа борова шума, а неговите улици раскажуваат животни приказни од богатата историја на островот. Имено, според народното предание, во градот Вис некогаш било дозволено сè и дека, како никаде на копното, сè било во изобилство – од шеќер, злато, кафе, часовници, парфеми до овошје и зеленчук.