Откриена е вонземска планета на која би можело да постои живот, тврдат истражувачи од САД

Астрономите се чекор поблиску до откривање дали постои живот надвор од Земјата, по откривањето на егзопланета способна да емитува кохерентен радио сигнал. Магнетното поле на планетата е првиот знак дека е погодна за живеење бидејќи го блокира зрачењето.

На Земјата, нашето магнетно поле се протега од стопеното железо во јадрото на планетата во вселената и го штити животот од космичкото зрачење и наелектризираните честички ослободени од Сонцето. Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун исто така имаат магнетни полиња, но сите тие се многу посилни од оние на Земјата. Сега, истражувачите од Соединетите Држави веруваат дека откриле вонземска планета која би можела да има свое магнетно поле, што укажува дека може да поддржува вонземски живот.

Во трудот објавен во списанието Nature Astronomy, астрофизичарите открија дека карпестата планета ИЗ Цети одбива повторени радио сигнали од ѕвездата околу која орбитира. Истражувачите Себастијан Пинеда и Џеки Виладсен ги детектирале сигналите со помош на радио телескоп.

„Го видовме првичниот рафал и изгледаше прекрасно. Кога го видовме повторно, беше многу индикативно дека, можеби, навистина имаме нешто овде“, рекол Пинеда.

По понатамошно истражување, двајцата теоретизираа дека планетата, која е оддалечена околу 12 светлосни години, има поле слично на Земјата, кое во интеракција со нејзината ѕвезда генерира сигнал. Меѓутоа, поради нејзината невидливост, се покажа дека е тешко да се одреди дали далечната планета навистина има свое магнетно поле.

„Она што го правиме е да бараме начин да ги видиме. Ако некоја планета има магнетно поле и помине низ доволно ѕвездена материја, тоа ќе предизвика ѕвездата да емитува светли радио бранови“, рече професорот Виладсен.

Џо Песке, програмски директор на Националната радио астрономска опсерваторија, рече дека откритието ќе игра клучна улога во одредувањето како функционираат магнетните полиња на другите планети.

„Потрагата по потенцијално населиви или населиви светови во другите сончеви системи делумно зависи од тоа дали ќе можеме да одредиме дали карпестите егзопланети слични на Земјата навистина имаат магнетни полиња. Ова истражување не само што покажува дека оваа конкретна карпеста егзопланета веројатно има магнетно поле, туку обезбедува ветувачки метод за наоѓање повеќе“, рекол Џо Песке.

Scroll to Top