Пијан функционер на Борис Џонсон си поднел оставка затоа што допирал мажи, нов скандал ја тресе Британија

Нов скандал ја тресе британската влада откога еден од функционерите на Борис Џонсон е обвинет дека додека бил пијан допирал двајца мажи за време на еден настан.

Станува збор за Крис Пинчер, еден од функциониерите во партијата, кој си поднесе оставка, а потоа и самите конзервативци го суспендираа.

Крис Пинчер, чија улога беше да одржува дисциплина меѓу пратениците од ториевците, поднесе оставка во писмото што вчера го испрати до Борис Џонсон, пренесе „Асошиетед прес“.

„Премногу испив во средата вечерта“, напишал Пинчер во писмото и додал дека се посрамотил себе си и другите околу него. Додаде дека тоа е нешто што не сакал да го направи и дека поради тоа им се извинува на Џонсон и на луѓето што ги допирал.

Тој во писмото напишал и дека ќе продолжи да биде пратеник на конзервативците и дека ќе продолжи да го поддржува Џонсон од последните клупи во Парламентот.

Овој настан предизвика бес кај опозицијата, но и кај некои пратеници од Конзервативната партија. Џонсон првин се спротивстави на повиците да го суспендира Пинчер од партијата за на крајот да попушти под притисоците по вложувањето и официјална жалба до независно истражно тело.

Портпаролката на Конзервативната партија рече дека Џонсон се согласил дека Пинчер треба да биде суспендиран, што значи дека не може да седи во Парламентот меѓу ториевците.

Scroll to Top