Пицерија во Хрватска почна да им наплаќа на гостите за да им ја исече пицата

Загрепската пицерија „Токаре“ почна да им наплаќа на гостите за да им ја исече пицата. Некои од нив револтирани реагирале на социјалните мрежи откако во сметката виделе дека им е наплатена услугата за сечење на пицата. Сопственикот Денис Главач вели дека одеднаш станале најомразена пицерија во Хрватска, но дека има причина зошто почнале да наплаќаат за сечењето пица.

„Со оглед на тоа што сме објавени како омразена пицерија која наплаќа по пет куни за сечење пица, дозволете ни да ги кажеме причините за тоа. За почеток, дали некогаш сте нарачале ќебапи, во Загреб, Виена, кај и да е, и откако ќе ви ги послужат на масата, сте ги вратиле во кујната за да го исечете месото? Ние сме наполетанска пицерија која вложува многу труд и знаење во нашиот производ, кој е единствен во Хрватска по разновидноста на состојките и балансот на вкусови. Секоја наша пица е за една личност, доаѓа со прибор за јадење, што би значело дека, како и секое друго јадење во секој друг ресторан, се јаде со виљушка и нож, не со раце и не со прсти. Проблемот произлегува од навиките на луѓето во Хрватска кои се научени да бидат услужени според сите стандарди, критериуми и желби и сите овие дополнителни услуги треба да бидат бесплатни“, рекол Главач за „Н1“.

Според него, на секој гостин кој побарал сечење пица претходно му било кажано дека оваа услуга се наплаќа и транспарентно е наведена на сметката, а истиот гостин се согласил да плати за оваа услуга наместо самиот да си ја исече пицата.

„Најлесно и најбезболно би било да ја покачиме цената на пицата за пет куни и да немаме лоши критики поради тоа, но се надеваме дека луѓето ја разбираат поентата на овие пет куни“, рекол Главач како одговор на критиките.

Scroll to Top