Почина Фимчо Муратовски, основоположник на диригентската уметност во земјава

Денеска, на 91-годишна возраст, почина маестро Фимчо Муратовски, еден од основоположниците на диригентската уметност во земјава и поранешен директор на Македонската филхармонија.

„Со маестро Муратовски нашиот оркестар реализираше низа незаборавни концерти, изведе комплексни дела од светската музичка литература, како и голем број праизведби на композиции од македонски автори. Вечна слава маестро!“, напишаа од Филхармонија.

Фимчо Муратовски е роден во Скопје на 11 август 1931 година. Во 1958 година дипломирал диригирање на Музичката академија во Загреб. Специјализирал во Санкт Петербург. Од 1959 бил ангажиран како диригент во Операта и Балетот на МНТ и на таа должност останал до 1971 година. На двапати (1963/64 и 1967/68) по една година бил вршител на должноста директор на оваа институција. Од 1971 до 1983 година бил диригент во Македонската филхармонија, во која првите 7 години бил и нејзин директор. Од 1983 година до своето пензионирање во 1996 бил наставник, редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде во 2 мандата бил и декан на оваа институција.

Како диригент поставил и диригирал повеќе од 40 оперски и балетски дела од класичниот, современиот и домашниот репертоар. На концертниот подиум реализирал голем број симфониски и камерни дела, со посебен афинитет кон домашното творештво. Бил основач и диригент на Младинскиот и на Македонскиот камерен оркестар и диригент и уметнички раководител на Камерниот оркестар на МРТВ.

За својата уметничка дејност добитник е на повеќе награди и признанија: Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1969 година, Републичката награда „11 Октомври“ за едногодишно остварување за 1977 година како и истата награда за животно дело во 1995 година.

Scroll to Top